ВИДЕО: Арсенал го има најмладиот играч во ЛШ и покажа моќ во Прага

Фудбалерите на Арсенал продолжуваат со импресивните настапи во Лигата на шампионите, откако вечерва во Прага ја совладаа екипата на Славија со убедливи 3-0. Со овој триумф, „топчиите“ го задржаа максималниот ефект од четири победи и се зацврстија на врвот на табелата со 12 бодови, што е голем чекор кон директен пласман во осминафиналето на натпреварувањето.

  • Извештај од натпреварот:

Менaџерот Микел Артета одлучи да направи неколку ротации во составот, дајќи одмор на дел од стандардните стартери во пресрет на обврските во Премиерлигата. Сепак, и во изменета постава, англискиот гигант без поголеми потешкотии се справи со противникот. Ова беше осми натпревар по ред како Арсенал не прима гол во мрежата.

Гостите го отворија резултатот во 32. минута, откако судијата покажа на белата точка поради играње со рака на домашниот фудбалер Провод. Сигурен реализатор беше Букајо Сака, кој прецизно ја смести топката во долниот агол за водство од 1-0. Само што започна второто полувреме, Арсенал ја потврди својата надмоќ. Во 46. минута, Микел Мерино, кој доби улога на „лажна деветка“ поради повредата на Виктор Ѓокереш, одлично се снајде по центаршутот на Леандро Тросар и со прецизен удар од неколку метри го зголеми водството на 2-0.

Неговата извонредна партија беше заокружена во 68. минута, кога Арсенал по долга акција создаде нова шанса. Деклан Рајс испрати прецизен пас во казнениот простор, а Мерино повторно беше најснаодлив, со удар со глава ја смести топката во мрежата за конечни 3-0.

Со оваа победа, Арсенал ја потврди својата доминација во групната фаза и ја продолжи серијата без пораз во европските натпреварувања. Тимот на Славија Прага, пак, останува во долниот дел од табелата со само два освоени бода, што ја комплицира нивната борба за евентуален опстанок во европската сцена. На овој меч имаше и историски момент. Арсенал го доби најмладиот играч во историјата на Лигата на шампионите. Со 15 години и 308 дена, на теренот влезе Макс Доумен кој влезе во аналите.