• Мартин Танасковски
Напаѓачот на Арсенал, Виктор Ѓокереш, ќе го пропушти натпреварот против Славија Прага во рамките на Лигата на шампионите, откако не се појави на последниот тренинг на клубот.
Шведскиот репрезентативец заработи мускулна повреда за време на саботниот дуел со Барнли, во кој „топчиите“ славеа со 2-0, а Ѓокереш го отвори резултатот, ама веднаш потоа беше заменет поради непријатност во мускулот.
Главниот тренер Микел Артета сега мора да направи промени во нападот пред важниот европски меч. Се очекува Микел Мерино, кој го замени Ѓокереш на „Турф Мур“, да започне од првата минута во Прага.
Арсенал ќе се обиде да ја продолжи својата импресивна серија од девет победи во сите натпреварувања и да стигне до јубилејната десетта последователна победа.






