• Саше Љолес
Австрискиот напаѓач Марко Арнаутовиќ ја завршува својата етапа во дресот на Интер и наскоро ќе замине од Милано. Неговиот договор истекува на 30 јуни, што подразбира дека ќе биде слободен во потрагата по нов клуб.
Офанзивниот фудбалер даде изјава за италијанскиот „Дазн“, во која рече дека е горд на своите соиграчи, а на навивачите на Интер им порача дека следната сезона нивните миленици повторно ќе ја освојат шампионската титула.
„Имавме прекрасна сезона и бевме близу до историски успех. Сите во тимот силно посакувавме да донесеме барем два трофеи, но не успеавме. Знам дека навивачите се тажни и разочарани, особено после финалето против ПСЖ, но мора да ги кренеме главите и да гледаме напред.
Не се сеќавам кога последен пат италијанска екипа играла две елитни финалиња во само три години. Јас заминувам, но срцето ми останува во Милано. Не очајувајте, овие момци следната сезона сигурно ќе бидат шампиони“, рече Австриецот со српско потекло.
Минатата сезона Арнаутовиќ беше „џокер“ од клупата на Симоне Инзаги и постигна седум гола во сите конкуренции.
ФОТО/PHOTO: FC Inter/Twitter/X