Арнаутовиќ: Го исполнив ветувањето на Михајловиќ, сакам да ја завршам кариерата во Ц.Звезда! (ВИДЕО)

Марко Арнаутовиќ и официјално беше претставен во новиот клуб, Црвена Звезда, каде за првпат им се обрати на новинарите кои дојдоа во огромен број да ја проследат промоцијата на австрискиот напаѓач. 

Досегашниот член на Интер уште еднаш ја потврди својата голема љубов за белградскиот гигант и повторно се осврна на починатиот Синиша Михајловиќ, за кого искажа неизмерна и огромна почит. 

„Многу ми е тешко за Миха, ве молам не ме прашувајте. Тој ми беше како татко, брат, тој ми беше огромна поддршка низ сите мои предизвици. Често зборувавме за Звезда, му ветив дека ќе дојдам тука и дека ќе дадам многу голови за овој клуб.

Зборував и со неговото семејство, мислам дека овие три дена се исплакав повеќе отколку во текот на целиот мој живот“, изјави Арнатуовиќ. 

Арнаутовиќ се осврна и на претстојните предизвици со тимот, па во свој стил изјави дека своето ќе го каже на фудбалските терени. 

„Ќе го кажам тоа што го мислам на теренот. Едвај чекам да почнам со тренинзи и да се приклучам на тимот. Дојдов за да бидеме успешни и сите заедно да се радуваме. Мислам дека токму тука ќе ја завршам својата кариера“, рече австрискиот репрезентативец.  

Поранешниот напаѓач на Интер, Болоња, Вест Хем, Стоук Сити, Вердер Бремен и Твенте, изјави дека последниот сон за него е остварен, а тоа е секако преминот во Црвена Звезда.