Аријан Адеми си оди од Динамо, но не го менува Загреб!?

Искусниот македонски репрезентативец Аријан Адеми се очекува наскоро да го раскине договорот со Динамо Загреб, клуб во кој остави длабока трага и настапуваше речиси цела деценија.

Според информации од хрватските медиуми, загрепска Локомотива веќе покажала интерес и „тропнала на неговата врата“. Со оглед на тоа што Адеми има 34 години и добро го познава амбиентот во Загреб, трансфер во Локомотива би значел продолжување на кариерата во позната средина – без потреба од селидба.

Се споменуваше и Марибор како потенцијална дестинација за поранешниот капитен на Динамо. Главен адути на словенечкиот клуб во преговорите беше спортскиот директор Михаел Микиќ, кој доаѓа од истата фудбалска школа. Сепак, по заминувањето на Боштан Цесар од тренерската позиција, и Микиќ е под сериозен притисок и веројатно ќе го напушти клубот до крајот на месецот, кога му истекува договорот.

Со тоа, Марибор практично се повлекува од трката за Адеми, кој сè повеќе се поврзува со останување во хрватската прва лига, но во друг дрес.