• Саше Љолес
Министерството за внатрешни работи на Аргентина испрати допис до амбасадата на Соединетите Американски Држави, во кој се наоѓаат над 15.000 луѓе на кои треба да им се забрани пристап на стадионите кои ќе бидат домаќини на мечевите од Светското клупско првенство.
Аргентина на клупскиот Мундијал ќе ја претставуваат Бока Јуниорс и Ривер Плата, клубови кои имаат цела армија навивачи, но дел од нив се регистрирани како хулигани и имаат забрана за посета на мечевите во родната земја.
„За нас овој потег е многу важен за да не се доведеме во никаква непријатна ситуација која би ги оцрнила доброто срце и душа на мирниот аргентински народ.
Сакаме да бидеме фокусирани на убавите моменти и да уживаме во прекрасна фудбалска претстава“, стои во соопштението на министерството.
Светското клупско првенство годинава ќе се одржи од 14 јуни до 13 јули. Ова е прв формат со вкупно 32 учесници и се очекува голема битка за престижниот трофеј на ФИФА.


