• Иван Димовски
Фудбалската репрезентација на Аргентина го крена трофејот на првата „Финалисима“ по пауза од 29 години, откако на „Вембли“ беше подобра од европскиот првак Италија со 0-3 (0-2). Два гола во Лондон паднаа во првото полувреме, а избраниците на Роберто Манчини немаа сили за кам-бек. Во самиот финиш точка на дуелот стави Дибала, за дополнителен впечаток на победата.
- Извештај од натпреварот:
Селекторот на Италија комбинираше, од првата минута изненадувачки заиграа Распадори и Бернардески и Песина, додека Скалони тргна офанзивно од стартот. Од составот на „гаучосите“ изостана Пауло Дибала кој беше најавуван дека ќе почне, но во нападот беа Меси, Лаутаро и Ди Марија.
Натпреварот тргна мирно, без премногу возбудувања и по некоја полушанса на двете страни. Лео Меси и Андреа Белоти се обидуваа, но само ги тестираа можностите на Донарума и Мартинез. Првиот погодок беше дело на Лаутаро Мартинез кој во 28. минута донесе предност за Аргентинците. Меси одлично ја изработе акцијата, го издрибла Ди Лоренцо и му „сервира“ топка на напаѓачот на Интер кој погоди за 0-1.
До полувремето се играше мирно, а кога сите очекуваа да се замине на одмор и да се прави тактика за вториот дел, на сцена стапија „гаучосите“. Лаутаро му протна топка низ одбраната на Анхел Ди Марија, а крилниот фудбалер со ефектен лоб го матира Донарума за удвојување на позитивата.
Во продолжението Италија се обиде да го смени темпото на игра, но беше инфериорна. Напротив, Аргентина беше поблизу до трет погодок и редеше шанси преку Ди Марија, Меси и Ло Селсо. Иако не доби шанса од првата минута, Пауло Дибала влезе во игра во судиското продолжение и стрелаше за точка на победата во 94. минута (0-3). Аргентина на убедлив начин го надигра ривалот и дојде до победата во Лондон.