• Мартин Танасковски
Фудбалскиот клуб Тирана официјално го потврди ангажманот на македонскиот стратег Ардијан Нухиу како нов тренер на сениорскиот тим, со што започнува ново поглавје во историјата на најтрофејниот албански клуб.
Стратегот од Скопје ќе ја преземе функцијата по заминувањето на италијанскиот стратег Роберто Бордин, кој беше разрешен поради незадоволителни резултати во првиот дел од сезоната.
Раководството на клубот одлучи дека е време за промена, верувајќи дека новата енергија и пристапот на Нухиу ќе донесат стабилност и подобри резултати. Според информациите од клубот, преговорите помеѓу двете страни биле кратки и конструктивни, а договорот бил постигнат многу брзо, што говори за обостраната желба за соработка.
Нухиу последно работеше во Косово каде го водеше тимот на Гниљани, а претходно беше дел и од Дрита, како и македонските Шкупи и Шкендија.
