Арбелоа: Не работам во ЦИА, нелојалност е предавство на кралскиот грб!

Атмосферата во Реал Мадрид е исклучително напната пред последното Ел Класико сезонава против Барселона, особено по инцидентот меѓу Орелиен Чуамени и Федерико Валверде. Тренерот Алваро Арбелоа на денешната прес-конференција беше видно потресен и на моменти на работ на солзи, додека ги бранеше своите играчи и зборуваше за кризата во клубот.

„Морам да кажам две работи. Прво, горд сум на брзината, транспарентноста и одлучноста на клубот. Второ, на тоа што играчите ја признаа грешката, покажаа каење и се извинија. За мене тоа е доволно“, изјави Арбелоа.

Тој јасно стави до знаење дека нема намера јавно да ги осудува Валверде и Чуамени.

„Нема да добиете од мене јавно палење на клада. Не го заслужуваат тоа. По сè што ми покажаа во овие четири месеци и претходните години, знам дека разбираат што значи да се биде играч на Реал Мадрид. Валверде и Чуамени заслужуваат сите да свртиме нова страница“, рече тренерот.

Арбелоа особено жестоко реагираше на објавувањето на интерните информации во медиумите.

„Да бидам јасен: протекувањето информации од соблекувалната го сметам за предавство на Реал Мадрид. Предавство на овој грб. Тоа е нелојалност“, нагласи тој.

Сепак, одби да посочи виновник.

„Не работам во ЦИА. Не обвинувам никого. Во Реал работат многу луѓе и не сум тука да вперувам прст“, додаде Арбелоа.

Инцидентот меѓу двајцата играчи го нарече „несреќен случај“, истакнувајќи дека вакви ситуации се случуваат во фудбалот.

„Имав соиграч што удри друг со палка за голф. Најважно е тоа што се случува во соблекувалната да остане во соблекувалната“, рече тој.

Тренерот призна дека е тешко да се прифатат две сезони без трофеј, но верува дека тимот ќе се врати посилен.

„Минавме и низ потешки времиња, како периодот од 12 години без Лига на шампиони. Мора да останеме заедно. Сигурен сум дека следната сезона ќе бидеме подобри“, порача Арбелоа.

Во однос на претстојниот дуел со Барселона, тој истакна дека Реал оди на победа и покрај тешката ситуација. Во моментов, Барселона има 11 бодови предност на четири кола до крајот на Ла Лига, а евентуална победа во неделното дерби би значела и математичко освојување на титулата.