• Саше Љолес

Екипата на Шкендија Тетово ремизираше со Шкендија од Арачиново во првиот дуел на овие две екипи во елитниот ранг на македонскиот фудбал, со конечни 1-1 (0-1) во натпреварот од деветтото коло.
Првото полувреме донесе интересен и динамичен фудбал, а гостинската екипа беше таа што имаше многу повеќе од играта. Најпрво видовме нешто помирен почеток, но тетовчани потоа тргнаа во силен налет и во периодот околу 15. минута шутираа од сите страни. Домашниот голман Столевски беше одличен во неколку наврати, одбрани неколку удари од ривалот, а еднаш и Селмани ја извади топката од самата гол-линија.
Сепак, гостите успеаја да го отворат резултатот и добија награда за офанзивниот пристап. Криезиу доби одлична топка, го мина Столевски, а голманот реагираше малку несмасно и го собори во својот шеснаесетник. Судијата Јован Качевски покажа на белата точка и го „пожолте“ домашниот чувар на мрежата.
- Шкендија Арачиново - Шкендија Тетово 1-1:
Прецизен реализатор на најстрогата казна беше Ендрит Красниќи, кој погоди во 30. минута и го забележа вториот сезонски погодок. Се обидоа арачиновци да возвратат, имаа две полушанси пред голот на Гаје, но не успеаја да сторат нешто поконкретно. Тетовчани со мирна игра го приведоа првото полувреме кон крајот, задржувајќи ја минималната предност на паузата (0-1).
Започнаа тетовчани со добро темпо и во вториот дел, имаше шанса Тамба по десната страна, но топката мина крај голот. Се очекуваше дека гостите бргу ќе се обидат да дојдат до двојна позитива, но и домаќинот успеваше да ги одбие почетните налети.
Арачиновци се обидуваа да се заканат од прекини, двапати опасно нафрлија во казнениот простор, но без особен успех кога се работи за реализацијата. На спротивната страна Тамба пропушти нова можност откако се обиде да лобува, а топката повторно мина крај стативата и не го изненади истрчаниот Столевски.
Казната стигна, арачиновци потоа заиграа похрабро, имаа добра шанса преку Мартин Тодоров, а потоа дојде и израмнувањето кога Марко Симоновски доби добра нафрлена топка и ја смести во мрежата на Гаје. Шкендија Арачиново дојде до 1-1 во 77. минута и донесе огромна радост во гледалиштето.
Прва македонска фудбалска лига - деветто коло
Шкендија Арачиново - Шкендија Тетово 1-1 (0-1)
Стадион „Чаир“ во Скопје, гледачи 800
Главен судија: Јован Качевски
Асистенти: Мишо Ѓорѓиески, Климент Ристоски
ВАР судија: Бењамин Керими
Делегат: Гоце Цветановски
Шкендија Арачиново:
Столевски, Мартин Тодоров, Адили (К), Личина, Нухија, Мехмед, Аризаноски, Миле Тодоров, Фазлагиќ, Шаркоски, Селмани
Тренер: Берат Имери
Шкендија Тетово:
Гаје, Трумчи, Ислами, Красниќи, Криезиу, Зејнулаи (К), Димоски, Мелиќи, Манев, Тамба, Ѓорѓиевски
Тренер: Артим Положани
Се обиде гостинската екипа повторно да притисне и да го врати водството, пробиваше преку нововлезениот Ване Крстевски, но и домашната одбрана беше на висина на задачата. Времето изминуваше, екипите играа со силно темпо во финишот, но резултатот не се промени до крајот.
Двете Шкендии мораа да се задоволат со поделба на пленот. Тетовчани остануваат лидери на табелата со 20 бода и во следното коло ќе играат со Скопје во Автокоманда, додека арачиновци стигнаа до 14 бодови и ќе се подготвуваат за средба со Струга Трим Лум на домашен терен.






