Антонио Бујчевски по третпат се враќа во Пелистер?

По заминувањето на Благоја Наумоски во соседна Победа, битолски Пелистер остана без уште една опција во нападот. Покрај Маневски, Главевски и Трифуновски, кој повеќе игра во средниот ред, стручниот штаб инсистираше на уште едно име во офанзивата, а управата веројатно тоа име го пронајде со уште едно враќање.

Антонио Бујчевски по третпат би се вратил во својот матичен клуб, откако на истекот од минатата сезона го напушти Кит-Го по само една сезона, но сепак има постоечки договор уште шест месеци.

„Заинтересирани сме за Бујчевски, но најнапред треба да се реши неговиот статус со претходниот клуб, а потоа ќе го дефинираме преминот во нашиот клуб“, ни рече спортскиот директор на Пелистер, Пеце Коруновски. 

Бујчевски e искусен напаѓач со акумулирано искуство во македонскиот фудбал и една кратка интернационалнa епизода. Напаѓачот постигна 12 гола на осум натпревари, но Кит-Го не успеа да се избори за промоција во ПМФЛ.

Искусниот 28-годишник е поранешен фудбалер на Пелистер, Вардар, Ренова, Металург, Тетекс и Силекс, а на Косово настапуваше за Трепча.