• Мартин Танасковски
Фудбалерите на Манчестер Сити го освоија првиот трофеј оваа сезона, откако во финалето на ЕФЛ Купот на „Вембли“ славеа против Арсенал со 2-0. Херој на натпреварот беше Нико О'Рајли, кој ги постигна двата гола и му донесе на својот тим деветта титула во ова натпреварување. Со овој пораз, Арсенал остана без можност да освои четири трофеи сезонава, иако сè уште е во игра за Премиер лигата, Лигата на шампионите и ФА Куп.
Финалето започна претпазливо, со тактичко надмудрување меѓу тренерите Пеп Гвардиола и Микел Артета. Иако Манчестер Сити имаше поголем посед, најконкретни во првиот дел беа „топџиите“. Каи Хаверц и Букајо Сака имаа одлични можности, но голманот Џејмс Трафорд блесна со неколку важни интервенции.
Во второто полувреме, Манчестер Сити го зголеми притисокот, а наградата стигна во 60. минута. По одлична акција во која учествуваа Родри, Бернардо Силва и Шерки, голманот Кепа Арисабалага направи сериозна грешка, а Нико О'Рајли тоа го искористи за водство од 1-0. Само четири минути подоцна следуваше и вториот удар. По нова брза акција, Матеус Нуњеш центрираше, а О'Рајли повторно беше на вистинското место и со глава ја зголеми предноста на 2-0.
До крајот, Арсенал се обиде да се врати во игра, но без конкретна реализација. Рикардо Калафјори и Габриел Жезус имаа свои обиди, при што Жезус ја погоди и пречката, но тоа не беше доволно за пресврт. Со овој триумф, Манчестер Сити се врати на победничките патеки по европските разочарувања и најави силна завршница во домашното првенство, додека Арсенал ќе мора да извлече поуки доколку сака да ја задржи лидерската позиција до крајот на сезоната.
Победата во ова финале донесе и рекорд за Пеп Гвардиола, кој стана првиот тренер кој пет пати го освоил трофејот во ЕФЛ Купот.



