Анри за игрите на Меси во ПСЖ: Не велам дека е тажен, ама е изолиран и сè помалку ја има топката

Славниот француски фудбалер Тиери Анри вели дека Лионел Меси се мачи во Пари Сен Жермен, бидејќи ја нема доволно топката во свој посед.

По неочекуваниот трансфер од Барселона во ПСЖ, аргентинскиот напаѓач не ги обезбедува очекуваните игри. Ова особено се однесува во натпреварите во Лига 1, каде досега на четири меча не запиша гол или асистенција, заклучно со последното дерби против Олимпик Марсеј.

„Изолиран е, помалку се гради, помалку се отвора. Тој добива сè помалку топки. Не велам дека е тажен, но е изолиран. Забележливо е дека има проблеми на десната страна.

Мора да најдат начин како Меси, Нејмар и Мбапе да играат заедно“, изјави Анри, поранешниот соиграч на Меси во Барселона.

Еден од најдобрите играчи на сите времиња ќе има нова можност да забележи конкретен настап во францускиот шампионат следниот викенд, кога „светците“ го пречекуваат актуелниот шампион Лил.