Анкона, Лацио, Интер, Наполи, па Џенова: Патот до „стотката“ на Пандев!

Горан Пандев е како виното, што е постар, толку е и подобар. Некои од неговите колеги на 37 години почнаа со тренерски кариери, но популарниот Гранде уште еднаш покажа дека е „вечен“ и со нови два гола за Џенова против Беневенто дојде до уште едно неверојатно достигнување.

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација дојде до бројката од 100 постигнати гола во Серија А, нешто на кое секој може да му подзавиди. Овој личен рекорд на Пандев е голема сатисфакција за секој кој е Македонец, затоа што лигата на „чизмата“ важи за една од најпрестижните во светот, а никој досега не оставил таква трага каква што остави нашиот Гранде.

Горан Пандев, чие име засекогаш ќе остане запишано со златни букви во елитниот италијански фудбал, до „стотката“ одеше преку Анкона, Лацио, Интер, Наполи и Џенова. Најмногу голови постигна за Лацио (48), па потоа следат Џенова (27), Наполи (19), Интер (5) и Анкона (1).

Првиот погодок Пандев го постигна за Анкона. На 7 декември 2003 година, Македонецот се запиша во листата на стрелците против Болоња во поразот од 2-3, а останатото е историја. Првиот гол за Лацио, Пандев го постигна во 2004 против Каљари исто така во пораз од 2-3, додека првиот гол за Интер во калчото беше во 2010 година Бари, во ремито од 2-2.

За наполитанците од Неапол, Пандев првпат погоди против „омилениот“ Јувентус. И тоа двапати, во 2011 година, во ремито на домашен терен (3-3). Во Џенова, Пандев се врати по една неуспешна авантура во турски Галатасарај. За „грифони“ првиот гол пристигна против неговиот поранешен клуб Лацио (2-2) во 2017 година.

Вечно ќе се паметат мајсториите на Горан Пандев во Серија А... а тешко дека некој друг од Македонија ќе успее да дојде до ова!