Ањели и Алегри имаа состанок до полноќ, ситуацијата околу тренерската позиција во Јуве е сè појасна!

Како што јавуваат медиумите од Италија, состанокот на Ањели и Алегри траел до полноќ, а тренерот на „бјанконерите“ го изнел своето видување за завршената сезона, во која ја освои осмата титула во низа во Серија А, но беше поразен во четвртфиналето на Лигата на шампионите од тимот на Ајакс, а исто така и елиминиран во полуфиналето на Купот на Италија.

Алегри изнел идеи за тоа како тимот би требало да изгледа во наредната сезона, повторил дека парите не се проблем, но дека сака договор на три години, како би започнал нов циклус со клубот. Доколку од Јуве се согласат со желбата на Алегри, тоа автоматски ќе значи дека клубот ќе има големи промени и на продажба ќе бидат играчи како Кансело, Дибала, Манџукиќ, Даглас Коста, Пјаниќ...На нивно место би биле доведени двајца нови стопери, еден квалитетен плејмејкер, еден крилен играч и напаѓач, а се споменуваат имињата на Манолас, Умтити, Погба, Киеза, Икарди...

Недвед и Паратичи, кои се блиски соработници на Ањели, се за враќање на Конте, но таа опција изгледа отпадна затоа што претходникот на Алегри нема да чека да биде решена ситуацијата со сегашниот тренер. Исто така далеку од клупата на „старата дама“ е Дешамп, кој ќе остане селектор на Франција, а нереална опција е доведувањето на Пеп Гвардиола.

Како и да е, ништо нема да биде одлучено во наредните четири дена. Јувентус го чека прослава на титулата на својот стадион во недела на вечер, а Алегри побарал и женскиот тим на Јувентус, кој исто така стана шампион, да биде присутен, со што прославата вистински би кулминирала. Веднаш по прославата на титулата, ќе биде донесена и конечната одлука, а бидејќи другите решенија се комплицирани, се чини дека желбата на Ањели ќе биде исполнета и Масимилијано Алегри и во наредните три сезони ќе го води тимот на Јувентус.