Англиските фанови во „шок“: Македонија е рај, пивото евтино, а храната превкусна!

Репрезентацијата на Англија можеби не заминува од Скопје со очекуваниот резултат по ремито со нашите „рисови“, но гостинските навивачи минаа прилично мирен и комфорен неколкудневен престој во нашиот главен град. 

Англиските медиуми пишуваат за гостопримството во Македонија, а особено се зачудени од цената на пивото, која очигледно кај нив одамна не постои. „Дејли стар“ објави статија во која се вели дека фановите биле воодушевени од љубезноста во рестораните, пабовите и кафулињата, а пријатен и позитивен „шок“ бил цената на пивото. Додека во Англија за 60 фунти можете да купите околу седум литри пиво, во Македонија за истата сума добивате неверојатни 40 литри! 

Не е дека англиските навивачи првпат доаѓаат кај нас, но овој пат дури и медиумите обрнаа внимание на пријатниот престој во Македонија и веќе зборуваат за можно доаѓање во нашата земја на подолг временски период или на летен одмор. Во статијата се вели дека малата земја со околу два милиони жители нема премногу туристи од Обединетото Кралство, но тоа може наскоро и да се промени.

Очигледно, цените на пивото кај нас сѐ уште се попристојни во однос на земјите од западна Европа, а тоа може дури да биде и една од главните причини зошто Англичаните би ја зеле предвид Македонија како туристичка дестинација. За разлика од некои сцени во минатото, овој пат навивачите од Островот беа прилично мирни и на достоинствен начин се претставија во главниот град на Македонија, со желби за повторно доаѓање и уживање во македонската храна, пиво и сите останати пијалоци. Многумина ја пофалија и нашата ракија, како и прекрасните бели и црвени вина. 

Целата статија на „Дејли стар“ можете да ја погледнете на ОВОЈ линк.