Англиските ѕвезди уште „кукаат“: Се повредиле на ужасниот терен во Скопје!

Англија не успеа да ја победи Македонија како гостин на крајот од квалификациите за Европското првенство (ЕП) кое ќе се игра во 2024 година, а играчите на Гордиот албион не престануваат да го коментираат теренот.

Иако се работи за нов тревник, тукушто поставен од  Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), кој се чуваше специјално за овој натпревар, од Англија велат дека ова е најлошиот терен на кој некогаш играле. Џек Грилиш, играчот на Манчестер Сити, вели дека целиот е испосечен од тревата.

„Испосечено ми е телото од теренот, теренот беже ужас. Не можам да поверувам дека терени како овој се дозволени за игра. Имаше мали камчиња насекаде. Фоден си ја исече раката, но мора да го прифатиме таков каков што е“, кажа Грилиш.

На неговото мислење се надоврза Хари Мегваер, стоперот на Манчестер Јунајтед.

„Каде да започнам? Не сум играл на лош терен како овој! Како да беше песочен, нозете ми се заглавуваа во него, видовте во првото полувреме кога се обидов да стартувам на топка, ногата ми се заглави. Беше како да паѓаш на плажа. Не сакам да бараме алиби за резултатот, ние сме професионалци, но беше тешко и среќен сум затоа што немаше повеќе повреди во Скопје“, кажа Мегваер.

Стрелец за Македонија на натпреварот против Англија беше Енис Барди, додека голот за Гордиот Албион падна по удар на Кејн со глава кој се одби од Јани Атанасов.