Англиски премиерлигаш конечно оди на продажба

Американската компанија „Фридкин груп“, која е сопственик на премиерлигашот Евертон, разгледува различни можности за иднината на клубот, меѓу кои и продажба на мнозинскиот сопственички удел.

Од компанијата посочуваат дека при преземањето на клубот во декември 2024 година, Евертон се соочувал со сериозни финансиски проблеми, како и со предизвици на теренот и надвор од него. Главна цел била да се обезбедат финансиска стабилност, нови вложувања и поддршка за завршување на долгоочекуваниот стадион.

„Сега, кога темелите се цврсто поставени, вистинско време е да се разгледа следното поглавје за Евертон. Ќе разговараме само со оние за кои веруваме дека ќе бидат вистинските чувари на клубот и дека имаат капацитет да го водат напред“, се наведува во соопштението на сопствениците.

Од „Фридкин груп“ додаваат дека, без оглед на исходот од процесот, поддршката за Евертон ќе продолжи и дека клубот ќе ги има на располагање потребните ресурси во текот на овој период. Засега нема да има дополнителни коментари за можните промени во сопственичката структура.

Американската компанија го презеде Евертон во декември 2024 година, во трансакција чија вредност, според процените, надминува 400 милиони фунти. Доколку дојде до продажба на мнозинскиот удел, клубот од Ливерпул би можел да добие нов сопственик во периодот по финансиското стабилизирање и преселбата на новиот стадион.