Англиски клуб во центарот на афера, ќе се одложи ли „најскапиот натпревар во светот“?

Финалето од плејофот на Чемпионшип, во кое Саутемптон и Хал треба да одлучат која екипа ќе патува во Премиер лигата, би можело да биде одложено поради истрагата на ЕФЛ.

Според „ББС Спорт“, независна дисциплинска комисија го разгледува случајот познат како „Spygate“, а рочиштето треба да се одржи најдоцна во вторник, 19 мај.

Саутемптон е обвинет од ЕФЛ за кршење на правилата со наводно следење на тренингот на Мидлсбро пред првиот натпревар од нивното полуфинале во плејофот на стадионот „Риверсајд“.

По ремито без голови во првиот натпревар, Саутемптон победи со 2-1 во реваншот на „Сент Мери“ и се квалификуваше за финалето, каде што го чека Хал Сити, кој го елиминираше Милвол во второто полуфинале.

Натпреварот моментално е закажан за 23 мај на „Вембли“, но ЕФЛ вели дека постојат алтернативни планови доколку дисциплинските постапки или евентуалните жалби влијаат на датумот на натпреварот.

Финалето на плејофот за Чемпионшип со години го носи епитетот „најскапиот натпревар во светот“, бидејќи на победникот му носи огромен финансиски поттик преку приходите од ТВ права и учеството во Премиер лигата, проценети на околу 200 милиони фунти.

Директен пласман во Премиер лигата за следната сезона веќе обезбедија Ковентри и Ипсвич, како два најдобри тима во регуларниот дел од сезоната.