• Саше Љолес
Барселона веќе неколку месеци е во потрага по врвен напаѓач, а како најзвучно име што се споменуваше деновиве беше Аргентинецо Хулијан Алварез, кој блеска во дресот на Атлетико Мадрид.
Офанзивниот фудбалер досега постигна девет гола за „јорганџиите“ и остави одличен впечаток со просечната оценка од 7,4, па затоа не треба да зачудува интересот од најголемите европски гиганти.
Иако Барселона го „пикирала“ Алварез како потенцијално примарно засилување за следното лето, нејзините „сметки“ може да ги помати англискиот Челзи, кој веќе сериозно подготвува понуда вредна дури 150 милиони евра!
Медиумите на Островот шпекулираат дека „сините“ се веќе во контакт со Атлетико, но преговорите нема да се одвиваат лесно, со оглед на тоа што Алварез дојде во Мадрид пред нешто повеќе од една година (соработката трае до 2028 година). Огромната сума што Челзи сака да ја исплати е „невозможна мисија“ за Барселона, која има големи финансиски долгови и сигурно нема да биде способна да ја израмни оваа понуда.
Сепак, постојан шанси Алварез да се пресели и во Каталонија, но дали управата на Барса го има потребниот маневар за такво нешто, останува да видиме во периодот што следи. Шпанскиот шампион ќе мора бргу да реагира, додека не се појавиле уште некои сериозни кандидати за потписот на аргентинската ѕвезда.
Доколку Алварез се пресели во Барселона, тој ќе претставува директна замена за Полјакот Роберт Левандовски, чиј договор истекува следното лето и најверојатно ќе замине од клубот.









