Англиската кралица се наврати на 1966: Знам колку значи титулата!

На ден пред финалето на Европското првенство против Италија, пристигна поддршката од највисокиот врв на Велика Британија.

Британската кралица Елизабета Втора ја пофали англиската фудбалска репрезентација за духот, посветеноста и гордоста пред натпреварот за титулата европски шампион.

Во писмото до селекторот на Англија, Герет Саутгејт, кралицата (95) се наврати на најголемиот успех на националниот тим од 1966 година, кога ја имаше таа среќа да му го додели пехарот наменет за светски шампион на тогашниот капитен Боби Мур.

Таа во писмото меѓу другото напиша: „Честитки од мене и од моето семејство за досегашниот успех. Пред 55 години видов што на играчите, членовите на стручниот штаб и придружниот персонал им значеше пласманот во финалето на голем турнир и освојувањето на титулата“.

Фудбалските селекции на Англија и Италија во последниот натпревар на Европското првенство ќе се сретнат в недела, на „Вембли“ во Лондон во 21:00 часот.