• Саше Љолес
Фудбалската асоцијација на Англија (ФА) ќе ја повлече поддршката за претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, објавија британските медиуми. Со овој потег, Англија им се придружува на фудбалските сојузи на Велс и Шведска, кои веќе го направија истиот чекор.
Според „Скај Спортс“, англиската ФА ќе испрати официјално писмо со кое ќе ја повлече претходната поддршка за неговата кандидатура за нов мандат.
Во меѓувреме, УЕФА размислува за правни мерки против ФИФА поради веќе повлечениот план за продажба на удел во организацијата на Светското првенство. Европската куќа на фудбалот, наводно, предупредила дека е можно да покрене судски и арбитражни постапки.
Иако Инфантино засега не размислува за оставка и се потпира на поддршката од федерациите во Африка, Азија и Јужна Америка, се очекува притисокот врз него да расте. Според најавите, на изборите за претседател на ФИФА, кои ќе се одржат во март следната година во Мароко, тој најверојатно ќе има најмалку еден противкандидат.


