ВИДЕО: Англија У21 со бизарен гол и по невидена драма со Шпанија стана нов шампион на Европа!

Фудбалската селекција на Англија до 21 година е нов шампион на Европа. На собирот во Романија и Грузија, тимот вреден преку 400 милиони евра, на доминантен начин и без ниту еден примен гол, стигна до третиот трофеј од континенталните шампионати и уште еднаш се потврди тезата дека Англија има светла фудбалска иднина. Во финалето немоќна беше селекцијата на Шпанија, која беше совладана со минимални 1-0. Претходно, Англија славеше над Израел (3-0), Португалија (1-0), Германија (2-0), Израел (2-0) и Чешка (2-0).

Англичаните започнаа моќно и во првите шест минути преку Палмер и Гордон креираа две шанси пред шпанскиот гол. „Фуријата“ брзо се созеде и Алеш Баена и Абел Руиз имаа две закани кон Трафорд.

Дуелот стана нервозен, беа поделени неколку жолти картони, а Баена ризикуваше и исклучување. Во финишот на првиот дел, најнапред Ковил ја здрма пречкатата, а потоа со голема доза на среќа Палмер од слободен удар ја погоди мрежата и донесе англиска предност на полувреме (1-0). Голот за водство на младите Англичани на крај му се препиша на Куртис Џонс, од кого топката се одби по ударот на членот на Манчестер Сити.

Вториот дел започна со целосна превласт на шпанската селекција. Капитенот Абел Руиз со глава ефектно израмни во 51. минута, но голот оправдано беше поништен заради офсајд. Одговорот на Англија беше контра нападот на Џонс во 65. минута, но неговиот удар го одбрани шпанскиот голман Тенас.

Во продолжение на „Аџарабет Арена“ шанси се редеа како на филмска лента. Младите Шпанци целосно се отворија и со сите сили тргнаа по израмнување, додека на спротивната страна Англија преку контра-напади испрати неколку закани, но голманите беа на висината на задачата.

Особено се истакна чуварот на мрежата на Англичаните, Трафорд, кој во 97. минута прво му одбрани пенал на Абел Руиз, а потоа со уште една чудесна интервенција го сочува својот гол и им го донесе посакуваниот трофеј на своите колеги. 

Ова е прва европска круна во оваа возрасна категорија за Англија по скоро четири децении. Двете репрезентација, заедно со полуфиналистите Израел и Украина изборија пласман на Олимписките игри во Париз.