• Горан Упале
Фудбалската селекција на Англија до 21 година останува на врвот на Европа! Младите Англичани ја одбранија титулата европски шампиони, откако во вечерашното финале во Братислава по продолженијата ја совладаа Германија со 3-2 (2-2). На тој начин, Англија му се реваншира на ривалот за поразот во групната фаза и уште нови две години ќе остане на врвот на стариот континент.
Големото финале во Братислава започна во знакот на момците на Ли Карсли. Младите Англичани уште во петтата минута го шокираа големиот ривал, откако Харви Елиот погоди за 1-0. Младиот ас на Ливерпул одлично ја следеше акцијата и по еден отпадок ја смести топката во германската мрежата.
Германците уште несоземени од почетниот шок можеа да капитулираат уште еднаш, откако капитенот Џејмс МекАти од левата страна биеше за малку непрецизно. Само неколку минути подоцна, Ноа Атуболу капитулираше уште еднаш и Англија поведе со 2-0. Членот на Ипсвич, Хатчинсон распали со лева нога и топката меѓу нозете на германскиот голман заврши во мрежата за нова радост на англиските фанови. Сепак, на полувреме се замина со минимална предност на „Гордиот Албион“, откако Германија намали преку Веипер со гол во првата минута од судиското надополнување (2-1).
Вториот дел започна со супер-шанса на МекАти, кој со лева нога биеше покрај германскиот гол. На спротивната страна изгледна можност за израмнување имаше Небел, кој по една брза контра биеше откосо, но Џејмс Бидл беше на вистинско место. Сепак, само неколку минути подоцна Бидл остана без реакција по топовскиот удар на Небел и Германија комплетно се врати во игра во финалето (2-2). До крајот на регуларниот дел двете селекции имаа по неколку шанси, а најголемата ја имаше Небел, кој во последната минута од судиското надополнување ја затресе пречката од голот на Англија.
Така, финалето влезе во дополнителни триесет минути, а само што се тргна од центарот Англија одново поведе. Резервистот Џонатан Роув, на асистенција на Мортон, со глава ја смести топката зад грбот на Атуболу за водство на својата селекција од 3-2.
Германија нападна со сите сили, креираше неколку мешаници и пак ја погоди пречката, но овој пат не успеа да се врати и трофејот за шампион на Европа останува да ги краси англиските витрини.
ФОТО/PHOTO: UEFA

