ВИДЕО: Англија се изнапромаши, ама пак ѝ даде осум гола на Македонија на „Сент Мери“

Репрезентацијата на Македонија доживеја пораз на гостувањето кај Англија од 8-0 (3-0), во рамките на првото квалификациско коло на патот до женскиот Мундијал. Ривалките на Македонија беа апсолутен фаворит на „Сент Мери“, а иако избраничките на Изов се спротивставија на стартот, убедливо загубија. Домашната селекција се изнапромаши, ама и покрај тоа ѝ даде осум гола на Македонија во Саутемптон. 

  • Извештај од натпреварот: 

Англија тргна немилосрдно, притискаше уште од стартот и разликата во квалитетот беше видлива. Ела Тун го отвори резултатот во 12. минута, по асистенција на Вилијамсон искористи празнина во македонската одбрана и погоди за 1-0.  Единствената шанса за девојките во „црвено-жолто“ ја имаше Максути, по една брза контра и ударот заврши над голот.

Македонија иако беше инфериорна, добро се бранеше и ги одбиваше налетите на домаќинот по примениот гол. Англичанките доминираа, правеа шанси и беа константно опасни, но на следен гол чекаа до 42. минута. Ела Вајт остана „заборавена“ во срцето на шеснаесетникот, па по грешка на Коларовска која ѝ додаде на ривалката, падна и вториот погодок (2-0). Пред полувремето Англија даде и трет гол, откако нафрлување од левата страна Јулија Живиќ несреќно ја стресе својата мрежа (3-0). 

По паузата, Македонија на Изов пак парираше солидно и се бранеше грчевито. Англија долго кружеше околу шеснаесетникот на нашите репрезентативки, а во 67. минута Ела Вајт реализираше од белата точка за зголемување на позитивата (4-0). Самиот казнен удар беше спорен, бидејќи прекршокот беше евидентно надвор од шеснаесетникот.

До крајот на натпреварот селекторката на Англија направи доста измени, но и покрај тоа нејзнините избранички дојдоа до два нови гола. Бетани Ингланд во 77. минута ја казни лошата интервенција на голманката Дервиши и реализираше од непосредна близина, а практично во следната акција, Ингланд изнуди и автогол на Коларовска, за 6-0. Во завршните минути, Ингланд и Мид дадоа по еден и си асистираа меѓусебе за головите, па Англија стигна до огромни 8-0 и вистински дебакл за девојките на Изов. 

Репрезентацијата на Македонија за четири дена ќе ја дочека Австрија во второто коло од квалификациите, натпревар во кој се гледа шанса за бодови.