ВИДЕО: Англија по историски спектакл за паметење е бронзена на Мундијалот

Фудбалската репрезентација на Англија го освои третото место на Светското првенство, откако во возбудлив натпревар со дури десет погодоци ја совлада Франција со 6-4. Ова беше рекорден меч по број на голови во поновата историја, а исто така Килијан Мбапе стана најдобар стрелец во историјата на Мундијалите (22 гола), а Мајкл Олисе рекордер по број на асистенции на еден светски собир (7).

  • Извештај од натпреварот:

Пред почетокот на средбата селекторот Томас Тухел се реши за комбиниран состав и ги одмори неколкумина стандардни првотимци. На теренот не се најдоа Џуд Белингем, Хари Кејн и Ентони Гордон, додека шансата од првата минута ја добија Дин Хендерсон, Морган Роџерс, Еберечи Езе, Маркус Рашфорд, Букајо Сака и Ајван Тони. За разлика од Англичаните, Франција настапи со речиси најсилниот состав.

Англија одлично го отвори натпреварот и поведе уште во третата минута преку Деклан Рајс, кој со силен удар од далечина го совлада Мајк Мањан. Само петнаесетина минути подоцна, Рајс повторно беше во центарот на вниманието. По неговиот корнер, Езри Конса најдобро се снајде во шеснаесетникот и со удар со глава зголеми на 2-0. Избраниците на Тухел продолжија да доминираат, а Букајо Сака и Маркус Рашфорд искористија брз контранапад за третиот погодок. До крајот на првото полувреме Сака уште еднаш ја затресе мрежата на Франција и донесе огромна предност од 4-0.

По катастрофалното прво полувреме, селекторот Дидие Дешамп направи четири измени и Франција заигра далеку поофанзивно. Килијан Мбапе во 48. минута намали на 4-1 по асистенција на Мајкл Олисе, а само шест минути подоцна му асистираше на Бредли Баркола за вториот француски гол. Французите целосно се вратија во натпреварот кога Мбапе во 66. минута повторно погоди, повторно по додавање од Олисе, и ја намали негативата на само еден гол.

Сепак, надежите за комплетен пресврт ги згасна Букајо Сака. По пенал што го направи Мало Густо, крилниот фудбалер на Англија беше сигурен реализатор и го комплетираше својот хет-трик за нова предност од два гола. До крајот следуваше уште по еден погодок на двете страни. Усман Дембеле повторно ја врати Франција во игра со гол за 5-4, но Џуд Белингем, кој влезе од клупата, ги постави конечните 6-4 и стави точка на спектакуларниот натпревар.