ВИДЕО: Англија пак со празни раце, Шпанија стана апсолутен рекордер на ЕП!

Фудбалската репрезентација на Шпанија е нов шампион на Европа. Во големото финале во Берлин шпанските фудбалери ја продолжија доминацијата на стариот континент и со победата над Англија од 2-1 (0-0) по четврти пат се искачија на врвот на Европа, со што се апсолутни рекордери. 

  • Извештај од натпреварот:

Двајцата селектори не направија некоја посериозна измена во своите состави. Саутгејт се реши за првпат да стартува со Лук Шо на левата бековска позиција, додека на клупата за резерви остана Трипие. На спротивната страна, Де ла Фуенте тргна со проверени сили со Јамал, Олмо, Вилијамс и Мората во офанзивниот дел. Во тимот се вратија дефанзивците Карвахал и Ле Норманд, кои беа суспендирани во полуфиналето.

Шпанците очекувано имаа иницијатива на стартот од финалето. Во воведните минути се играше на половината на Англичаните, но бесконечните додавања на „фуријата“ не донесоа некое поголемо возбудување. Четата на Саутгејт дури по 15. минута успеа да се ослободи од притисокот и заигра поофанзивно, но ниту Унаи Симон немаше премногу работа. 

Следуваше период на мирна игра на двете страни и како се ближеше крајот на полувремето, така грешките се зголемуваа, па на пауза се замина со почетниот резултат. Статистички, Шпанија беше подобра, со 66% посед на топката, но единствениот директен удар го испрати Фил Фоден во самиот финиш од полувремето, кога по една мешаница топката дојде до него, но биеше многу млако и само во добро поставениот шпански голман.

Во соблекувалната шпанскиот селектор доби лоша вест, бидејќи еден од најдобрите негови фудбалери, Родри се пожали на повреда и не беше во можност да го продолжи финалето. На негово место влезе Зубименди. Сепак, Шпанците вториот дел го отворија како од соништата – со гол по само две минути игра. Јамал одново се најде во улога на асистент, додека Нико Вилијамс со својот втор гол на шампионатот ја шокира Англија и ѝ донесе заслужено водство на својата селекција од 1-0. Веднаш по погодокот асот на Атлетик Билбао одново се најде во изгледна позиција да ѝ зададе уште еден удар на противникот, но овој пат биеше непрецизно.

Англија веќе четврти натпревар во елиминационата фаза се најде во позиција да брка резултат, па Саутгејт мораше да реагира и да го освежи својот тим. Одново „жртва“ беше капитенот Кејн, а на негово место влезе херојот од полуфиналето Оле Воткинс. По влегувањето во игра на напаѓачот на Астон Вила, Англија го одигра најдобриот период дотогаш во финалето, но преголемиот простор што им го оставија на Шпанците можеше да ги чини нов примен гол. Јамал одлично се снајде во дуелот со Шо, биеше прецизно на втора статива, но Пикфорд со крајни напори интервенираше и го остави својот тим во игра во финалето. 

Англискиот селектор ја направи и втората очекувана замена и одново се покажа како вистинска. Асот на Челзи, Кол Палмер во 70. минута го замени Мејно, а по само три минути игра по одлична тимска акција ја погоди целта за израмнување на 1-1.  По израмнувањето играта во Берлин се вжешти, шанси се редеа пред двата гола, а во таквата игра подобро се снајдоа фудбалерите на „фуријата“  кои преку резервистот Аитор Ојарзабал стигнаа до нов погодок и голема победа (2-1). Во самиот финиш малку фалеше „Гордиот Албион“ одново да се врати во игра, но овој пат Унаи Симон и Дани Олмо спасија од гол-линијата и ја сочуваа победата и четвртата титула на Шпанија.

Состави

Луис де ла Фуенте

4-2-3-1

    Lee Carsley

    3-4-2-1