Англија го казни бледиот Израел и ќе игра финале на ЕП У21

Фудбалската репрезентација на Англија до 21 година ќе игра за трофејот на Европското првенство, откако во полуфиналето го совлада Израел со 0-3 (0-1). Пресметката на „Адјарабет Арена“ во Батуми во целост им припадна на Англичаните, пред сè бидејќи Израелците играа апсолутна дефанзива до моментот кога примија втор гол. 

Уште од стартот „Гордиот Албион“ тргна подобро во натпреварот. Првите закани ги имаа Ентони Гордон и Емил Смит Роу. Веќе во 14. минута Англија доби и пенал, меѓутоа Морган Гибс-Вајт шутна крај голот. Израелцита играа несфатливо дефанзивно, нивните играчи буквално стоеја на теренот и не сакаа да ризикуваат ништо. Казната за незаинтересираноста стигна во 42. минута кога по центаршут на Палмер, со глава стрела Гибс-Вајт за 0-1. 

Лошата игра на Израел продолжи и во продолжението, па асистентот на првиот гол го постигна вториот. Течеше 63. минута кога Кол Палмер удвои на 0-2 за Англичаните. Дури тогаш ривалот малку се опушти и отвори, па имаа две шанси за враќање во мечот, меѓутоа безуспешно. Точка на натпреварот стави Камерон Арчер, кој во 90. минута погоди за конечните 0-3. 

Англичаните ќе играат во финалето, каде што го чекаат својот противник од дуелот меѓу Шпанија и Украина.