Англичаните против БиХ и Исланд ќе ја темпираат формата за ЕП

Англиската фудбалска репрезентација за време на подготовките за Европското првенство во Германија ќе одигра пријателски натпревари против Босна и Херцеговина и Исланд, објави Англиската фудбалска асоцијација.

Избраниците на Герет Саутгејт на трети јуни на „Сент Џејмс Парк“ во Њукасл ќе ја пречекаат Босна и Херцеговина, додека четири дена подоцна ќе се сретнат со Исланд на „Вембли“ во Лондон, во последниот натпревар пред Европското првенство.

Пред јунските натпревари, Англија во март ќе одигра две пријателски средби, исто така како домаќин. Тие ќе го пречекаат Бразил на 23 март и Белгија три дена подоцна, а двата натпревари ќе се играат на „Вембли“.

Англија првиот натпревар на шампионатот ќе го одигра на 16 јуни против Србија, а во групата Ц се уште и Данска и Словенија. Европското првенство во Германија ќе се одржи од 14 јуни до 14 јули.