Ангеловски: За Хајдук не е потребна посебна мотивација, но Горица може да му парира

В среда екипата на Горица, која што е предводена од македонскиот стратег Игор Ангеловски, против Хајдук ќе го одигра заостанатиот натпревар од четвртото коло на ХНЛ.

Горица е закована на дното во лигата со само една победа и вкупно шест освоени бода. По поразот од Локомотив (2-1) минатиот викенд, тренерот Игор Ангеловски понуди оставка, но таа беше одбиена.

„Почувствував морална и професионална одговорност да му понудам оставка на претседателот Чрнек, но тој ја одби, па се договоривме дека некои работи мора да се променат. Верувам дека можеме да излеземе од сегашната ситуација“, вели македонскиот стручњак.

Горица ќе бара изненадување во Сплит против големиот Хајдук.

„Ваквите натпревари не бараат посебна подготовка и мотивација. Хајдук поседува голема фудбалска атмосфера, посебна во рамките на хрватскиот фудбал. Пред десет дена, кога бевме поразени во 98. минута, покажавме дека можеме да му парираме на Хајдук, но сега нè чека нов натпревар. Нема да кажам дека немаме што да загубиме, но секако имаме многу што да добиеме“, заврши Ангеловски.

Хајдук моментално е втор со 27 бода, шест помалку од водечкиот Динамо.