Ангеловски за Елмас: Пред седум години за 500 евра го доведов во Работнички

Селекторот на македонската репрезентација, Игор Ангеловски, под будно око ги следи настапи на најголемата наша фудбалска надеж, Ељиф Елмас. Селекторот веќе неколку дена е во Истанбул, каде во живо ја скенира играта на 18-годишниот играч за врска, кој синоќа одигра фантастичен натпревар против славниот португалски гигант, Бенфика

По мечот на „Шукру Сарачоглу“ Ангеловски за турските медиуми откри како пред седум години го почувствува талентот на Елмас и за само 500 евра го доведе во Работнички.

„Горд сум што за само 500 евра успеав да го доведам Елмас во Работнички. Тогаш имаше само 11 години, но почувстував дека поседува голем талент. Откако го презедов тимот, Елмас дебитираше на 16 години, а по една година го одигра и првиот меч за Македонија. Ова е вистинскиот пат за него. Веќе е професионален фудбалер и навистина му верувам. Еден ден сакам да го видам во Реал Мадрид или Барселона, а сега нека биде лидер во редовите на Фенербахче“, вели Ангеловски. 

Елмас и ова лето беше поврзуван со позајмици и трансфер во неколку европски клубови, но новиот тренер на тимот, Филип Коку, јасно посочи дека верува во неговиот квалитети и дека ќе биде еден од фудбалерите врз кои ќе ја гради играта на тимот.