Ангеловски: Сметам на истиот тим, но загрижува минутажата на задната линија!

Игор Ангеловски, селекторот на македонската фудбалска репрезентација, го крои списокот на играчи на кои ќе смета за претстојните два меча во квалификациите за ЕП 2020 против Израел и Летонија.

Предводникот на А-тимот за Gol.mk истакна дека нема да има драстични промени, но најави дека е можно да има новајлии. Засега, единствен проблем со повреда има Стефан Ристовски, чија петица е повредена и не е во тренажен процес.

„Сите фудбалери на кои сметам ќе бидат во комбинација за настап. Го пратиме Стефан Ристовски кој има повреда на петицата и не е во тренажен процес, меѓутоа ако е спремен за настап секако дека ќе го повикаме. Пратам се што се случува, секој што заслужува повик ќе го повикаме, ако утврдиме дека ни е потребен играч на таа позиција. Но, 90% од тимот ќе биде истиот како и досега. Знаете дека не менувам премногу и дека сметам на истиот тим што претходно го понесе товарот“, изјави Ангеловски.

Од македонското првенство изненади Влатко Стојановски, кој направи трансфер во француски Ним. Ангеловски истакна дека го прати и воедно му честита за успешниот чекор напред во кариерата, а за можен повик, ниту потврди, ниту демантира.

„Мило ми е што имаме уште еден фудбалер кој направи трансфер и го сврте вниманието кон себе. Влатко го заслужи тоа, беше најдобар стрелец во Македонија и направи чекор напред. Знам дека имаше административни проблеми, нема официјален настап, но со внимание следам што се случува. Околу повикот и можната шанса да конкурира, ниту потврдувам, ниту демантирам. Ја следиме ситуацијата со сите наши играчи“, додаде селекторот.

Единствена грижа за Ангеловски пред двата гостински меча е малата минутажа, посебно на задната линија во тимот. Велковски, Зајков, Муслиу, Николов, Алиоски... сите беа на клупите, додека ситуацијата со голманите е подобрена. За нападот не станува збор, затоа што сите играат редовно.

„Имаме проблеми со минутажата со задната линија и само тоа ме загрижува. Велковски и Зајков не играа за своите тимови, слично е и со Николов и Алиоски кои беа на клупа. Муслиу по трансферот од Шкендија исто така не игра за Видеотон, а Стефан Спировски не е во состав на Ференцварош поради правилото за странци. Кај голманите, радува што Димитриевски е прв голман на Рајо, што Илиев брани за Серед, а Митов-Нилсон се врати меѓу стативите по долго време. За нападот не станува збор, затоа што Трајковски и Несторовски направија трансфери и играат, Тричковски игра во добра форма и слично. Добро е што скоро сите се здрави, би било уште подобро сите да играат. Но, изборот е тој“, заврши предводникот.

Македонија на двете гостувања патува по два порази од Полска и Австрија на домашен терен. Првиот натпревар е со Израел на 5 септември, додека четири дена подоцна следи гостување во Рига кај Летонија. Доколку не се дојде до пласман на континенталниот собир преку овој циклус, шанса за ЕП 2020 е Лигата на Нации каде „црвено-жолтите“ се во плејофот.

Европско првенство, Квалификации, Група G
ОН П Н И Гол. ГР Форма Бод.
1 ПолскаПолска 8 6 1 1 13:2 11 19
2 АвстријаАвстрија 8 5 1 2 17:7 10 16
3 МакедонијаМакедонија 8 3 2 3 10:11 -1 11
4 СловенијаСловенија 8 3 2 3 13:8 5 11
5 ИзраелИзраел 8 3 2 3 15:15 0 11
6 ЛетонијаЛетонија 8 0 0 8 2:27 -25 0