Ангеловски: Сакам страста од тренинзите да ја видам на терен во Скадар

Македонската фудбалска репрезентација влегува во завршните подготовки пред заминувањето за Скадар на првиот меч од квалификациите за СП во Русија 2018 година против Албанија. Селекторот Игор Ангеловски  по денешниот попладневен тренинг ги изнесе своите видувања околу досегашниот тек на подготовките и очекувањата од натпреварот што следи.

„Најбитно за мене во овој момент е што играчите се здрави и ги реализираме тренинзите според првичниот план. Ме радува тоа што атмосферата во тимот е на високо ниво, сите се однесуваме максимално сериозно, а сепак постои синергија меѓу фудбалерите и стручниот штаб. Имаме уште малку време до првата квалификациска пресметка и ни преостанува да се посветиме на натпреварот, на една голема борба и тоа го правиме. Македонија ќе ја бара својата прилика и ќе направиме се што е во наша моќ да го лимитираме противникот и да извлечеме што подобар резултат. За мене е многу важно страста од тренинзите да ја пренесеме на теренот во Скадар, не се сомневам дека играчите ќе го дадат најдоброто од себе, сеедно кои ќе започне. Првите единаесет ќе ги одредиме после официјалниот тренинг во Албанија, изјави селекторот Ангеловски за официјланата страниџа на ФФМ.

Нашата селекција утре околу 13.00 часот е предвидено да замина за Скадар, а ќе се патува преку Косово со брендиран автобус со македонското знаме и грбот на ФФМ, кој денес беше обелоденет во јавноста.