Ангеловски: Нема експерименти со тимот, со Гибралтар ќе играат најдобрите

Сите предвидени обврски нашите репрезентативци ги извршија пред натпреварот со Гибралтар, кој за нас ќе претставува деби во Лигата на нации. Нашите репрезентативци се одморија по клупските обврски, одржаа три тренинзи, последниот утрово во 10:15 часот, а погледнаа и дел од карактеристиките на утрешниот противник.

Селекторот Игор Ангеловски на официјалната прес-конференција потврди дека селекцијата е подготвена за предизивикот.

„Завршивме со мини-подготовки за дуелот со Гибралтар. Мислам дека исправно постапивме што дојдовме неколку дена порано за да се подготвиме за дуелот со нашиот утрешен ривал. Дојдовме да се навикнеме на времето и теренот. Информациите кои ги имаме за ривалот ни се доволни за да одиграме како што очекуваме. Верувам во овие момци и убеден сум дека ќе оствариме позитивни резултати. Сме играле низ Европа и на лоши терени и не верувам дека теренот со вештачка треба ќе ни биде проблем. Двете екипи играат на ист терен, со иста топка и нема изговори. За нас е многу важно како ќе играат нашите фудбалери и каков ќе ни биде пристапот. Никогаш не експериментирам со тимот и за мене секогаш е најважен следниот натпревар. Темата Ерменија за нас почнува од петок“, заврши Ангеловски.

Скоро сигурно утре Македонија ќе игра пред полн стадион, бидејќи најавено е дека сите 2.000 билети за првиот официјален натпревар на Гибралтар на домашен терен, ќе бидат распродадени.