Ангеловски: На албанските фудбалери во нашата селекција им верувам како на сопствените очи

На официјалната прес-конференција пред мечот на нашата селекција против Албанија самоуверен беше селекторот Игор Ангеловски, кој потенцираше дека безрезервно им верува на сите фудбалери со албанска националност во македонската репрезентација. 

„За нас тоа што играме со учесник на последното Европско првенство претставува дополнителен мотив. Работиме во прекрасна атмосфера и се надевам на позитивни резултати, почнувајќи од утрешниот натпревар. Сите фудбалери се спремни и едвај го чекаат натпреварот утревечер. Најмалите дилеми кои ги имам ќе ги разрешиме вечерва по тренингот. Јас сум воспитан да не ги делам фудбалерите по националност. На албанските фудбалери во мојата репрезентација им верувам како на своите очи. Влегуваме како две екипи на теренот, па кој е подобар нека победи. Границата помеѓу големите и малите се изедначува и мораме да ги следиме нивните примери. Мораме да веруваме во своите квалитети, за да го издигнеме рејтингот на македонскиот фудбал. Тренерите колку и да сакаат да ги сокријат идеите, денес лесно може да се дојде до сите информации. Знаеме и дека Албанците пробаа два системи на игра против Мароко и било кој систем да го користат, ние сме спремни“, истакна селекторот.

Вечерва од 20.45 часот нашите фудбалери ќе тренираат на „Лоро Боничи“ стадионот во Скадар, а во истиот термин утре ќе го одиграат квалификациониот натпревар.