Ангеловски: Кога Пандев зборува за фудбалот, мора да молчиш и слушаш!

Игор Ангеловски е дефинитивно најуспешниот селектор кој ја водел репрезентацијата на Македонија, а покрај пласманот на историско Европско првенство, Мрме има и други сегменти за пофалба. 

Добрата работа на кормилото на националниот тим го привлече и вниманието не само на домашните, туку и на бројни светски медиуми. Во интервју за српскиот медиум „danas.rs“, Игор Ангеловски зборуваше на многу теми, а започна со враќањето на Пандев во репрезентацијата. 

„Мојот прв ден како селектор започна со пат во Џенова и разговор со Горан Пандев за да се врати во репрезентацијата. Успеав во тоа и тој не ме одби и се врати. Секогаш повторувам една реченица: Кога Горан Пандев зборува за фудбалот, останатите треба да замолчат и да го слушаат“, започна Мрме. 

Селекторот на Македонија ја искоментира и ситуацијата со најавената премија по поразот на Македонија во Букурешт, а зборуваше и за ситуацијата со федерацијата. 

„Точно е, требаше да добиеме премија. Сепак, капитенот Пандев во име на сите членови на селекцијата кажа дека таква награда не сакаме. Ние со нашите семејства не примивме пари кои не се заработени со труд и посветеност на теренот. Не се мешам во проблемите со Фудбалската федерација на Македонија. Зад мене стојат резултати какви што репрезентацијата немала досега. Трето место во квалификациска група за Европско првенство, самиот пласман преку Лигата на нациите и скок од сто места на ФИФА ранкингот.

На крајот, тука е и актуелната позиција во квалификациите за Светско првенство, а тоа се дава надеж дека можеме да достигнеме ниво повеќе со овие играчи и капитенот Пандев. На луѓето од федерацијара е да не испочитуваат, а јас со нив „водам дијалог“ со резултатите на теренот“, заврши Ангеловски. 

Подвигот во Германија е последен во низата добри резултати на Македонија, а пред репрезентацијата е клупски фудбал до крајот на мај. Потоа, следат најважните подготовки досега, за премиерниот настап на еден голем собир.