• Сашо Поповски

Поранешниот македонски селектор Игор Ангеловски доживува тешки моменти на клупата на Горица. Неговиот тим е закован на дното од табелата, а во последното коло запиша нов пораз во дуелот со Ријека.
По мечот популарниот Мрме беше запрашан дали стравува за својата позиција во хрватскиот прволигаш.
„Не го очекувавме овој пораз. Психолошкиот притисок што го чувствуваа моите играчи се чувствуваше и на играта. Мислам дека ова е еден од најслабите натпревари откако сум на клупата на Горица. Во изминатите натпревари создававме повеќе шанси за гол, денес имавме една или две. Тимот што дава гол има психолошка предност, Ријека успеа и им честитам за тоа.
Јас не сум човек кој се откажува и мислам дека сега кога е најтешко, сите во клубот мора да застанеме заедно и да направиме сè за да направиме позитивен резултат на следниот натпревар. На тоа треба да се концентрираме“, изјави Ангеловски.
За Горица следува дуелот во Купот против Дубрава Загреб, а потоа меч од првенството на гости кај Локомотива.