Ангеловски: Димитриевски останува прв голман, мораме на две победи

Игор Ангеловски ги одбра адутите со кои Македонија ќе патува во Лихтенштајн каде ќе се бори за нов триумф, кој ќе го доближи нашиот национален тим до плеј-офот во Лигата на нациите. На прес-конференцијата пред заминувањето, селекторот истакна дека драстични промени во составот нема да има.

„Списокот горе-долу е ист, повеќето од фудбалерите се истите на кои сметам. На позицијата трет голман се ротираат младите, како што се Шишковски, Илиев и Алексовски. Бидејќи Нилсон е повреден, повикани се Илиев и Шишковски. Новајлија е Велкоски, кој е повикан поради добрите офанзивни карактеристики. Во план ни беше и Бесарт Ибраими, но се здоби со повреда. На првата голманска позиција дефинитивно ќе остане Димитриевски“, изјави Ангеловски.

Дуелот во Ереван против Ерменија беше лош за нашиот национален тим. Но, Ангеловски вели дека фудбалерите се обединети и дека повеќе од се сакаат да го поправат лошиот впечаток на наредните два меча и да завршат први во групата.

„Секако дека имавме време да ги анализираме грешките. Кажав и по мечот со Ерменија - секој има право на лош ден. Повторно сме во ситуација во која сите работи зависат од нас. Имаме три бода предност пред останатите два меча. Фаворити сме, се надевам дека ќе ја оправдаме улогата и со две победи ќе одиме понатаму. Причините за поразот во Ереван беа индивидуални грешки, имаше критики за нашата игра, дел од нив сосема ги оправдувам. Но, критиките се составен дел од нашата работа. Кој работи тој знае и да погреши некогаш. Ние одиме понатаму, обединети сме повеќе од било кога. Нема да дозволиме еден пораз да ја разниша целата атмосфера која ја градевме три години“, додаде селекторот.

Потоа, тој даде коментар за двата наредни противника против кои се очекуваат победи.

„Лихтенштајн е противник со кого веќе игравме претходно. Очекувам да влеземе максимално сериозно и да ја добиеме првата средба. Потоа ќе следи Гибралтар и ќе размсилуваме за него. Македонија е фаворит на овие два меча, но мора да ја оправдаме улогата. Ќе играме офанзивно како и секогаш. Примарна цел ќе биде да се добијат натпреварите, а ако се даде можност победата да биде што поубедлива, ќе се потрудиме да го направиме тоа“, дециден е Ангеловски.

Најдобрата македонска селекција ќе се соочи со Лихтенштајн на 16 ноември, од 20:45 часот во Вадуц. Три дена подоцна, на „Филип Втори“ Арената ќе се игра мечот со Гибралтар (20:45 часот). 

УЕФА Лига на нации, Лига Д, Гр. 4
ОН П Н И Гол. ГР Форма Бод.
1 МакедонијаМакедонија 4 3 0 1 8:5 3 9
2 ГибралтарГибралтар 2 4 2 0 2 3:5 -2 6
3 ЕрменијаЕрменија 4 2 0 2 6:4 2 6
4 ЛихтенштајнЛихтенштајн 2 4 1 0 3 5:8 -3 3