Ангеловски: Ако некој е заслужен што играме финале – тоа е нашата „икона“ Горан Пандев!

Македонската фудбалска репрезентација пред неколку часа пристигна во Тбилиси и по ручекот, фудбалерите имаа еден час одмор пред тренинг-сесијата на стадионот на Динамо и задолжителната прес-конференција на селекторот Игор Ангеловски.

Главна тема меѓу претставниците на седмата сила беа изостаноците на Ристевски, Барди и Велкоски и дилемите околу настапот на Адеми.

„Сите фудбалери кои се тука во Тбилиси се во комбинација за настап и ќе ги изберам најдобрите единаесет. Го респектирам Владимир Вајс, оствари големи резултати во минатото, одлично ја води Грузија, но и ние имаме зад себе добри резултати. Утре е нов натпревар, мора да има победник и се надевам дека на крајот ќе се радуваат моите фудбалери. 

Добро се познаваме меѓусебе, имавме можност да играме и да ги запознаеме квалитетите. Затоа сигурен сум дека тактички ќе бидеме спремни на Грузија. Можеби не допатуваа неколку фудбалери, но утре имам фудбалери кои се желни за пишување историја. Моја работа е да го подготвам тимот, а финале не се игра да се учествува, туку да се добие. Во овие момци верував кога никој не веруваше и докрај ќе бидам со нив. Ако е некој заслужен што утре играме финале, тоа е Горан Пандев – нашата фудбалска икона. Тој е нашиот најдобар фудбалер на сите времиња. Сакам јавно да му се заблагодарам.

Овие фудбалери мене ме натераа да бидам мирен, спокоен, па и мирно да спијам. Иако тука сме сами, ја чувстуваме поддршката, стигнуваат пораки од поранешни селектори, репрезентативци, пријатели. Ќе играме и за нив.“, рече селекторот. 

Натпреварот ќе се игра утре во 21:00 часот по локално, а 18:00 часот по средноевропски време. На стадионот во Тбилиси нема да присуствуваат гледачи, туку само официјалните лица и новинарите.