• Мартин Танасковски
Македонската фудбалска репрезентација до 21 година на гостински терен во Црна Гора го игра четвртиот натпревар во овој квалификациски циклус. Нашите фудбалски надежи во овој дуел влегуваат по домашниот триумф над Ерменија од 2-1.
До победата стигнавме откако противникот имаше предност и со двата постигнати погодоци стигнавме до првите бодови. По овој триумф одиме на второто гостување и на соочување со селекцијата на Црна Гора.
„Од поразите против Полска и Италија извлековме многу поуки. Ги видовме нашите грешки и напредокот е евидентен. Домашниот дуел против Ерменија, добро ни дојде. Освоивме три бода, сакаме да продолжиме во таа насока. Црна Гора е доволно анализирана, знаеме што може овој противник, но и кои му се слаби страни. Нема што премногу да се осврнуваме на противникот, треба да ја дигнеме нашата игра на што е можно повисоко ниво, и да постигнеме уште еден добар резултат“, изјави капитенот Матеј Ангелов.
Натпреварот меѓу Црна Гора У21 и Македонија У21 се игра во вторник со почеток од 18:00 часот.



