• Мартин Танасковски


Младите спортисти се срцето на иднината на македонскиот фудбал – талентирани, посветени и гладни за успех. Преку серија инспиративни интервјуа под наслов „Нашите идни шампиони“, Powerade и Gol.mk организираат уникатна кампања посветена токму на нив.
Запознаваме осуммина перспективни млади фудбалери кои се веќе дел од репрезентативните селекции и најголемите домашни клубови. Со емотивни интервјуа, фотографии и лични приказни, ја откриваме човечката страна на спортот и ја истакнуваме важноста на поддршката што младите ја добиваат во најчувствителниот период од кариерата.
На ваков начин, Powerade не само што го промовира спортот, туку и активно помага во градењето на иднината на македонскиот фудбал. Следете нè и инспирирајте се од генерацијата што доаѓа.
Петтото име во овој серијал интервјуа доаѓа од екипата на Пелистер. Тоа е 17-годишниот битолчанец Давид Ангелевски, плејмејкер во средниот ред кој е капитен на младинската екипа, У18 репрезентативец на Македонија и талент кој минатата сезона доби и шанса во првиот тим на „зелените“ од родниот град.
„На седумгодишна возраст ми се појави љубовта кон фудбалот, живеев меѓу доста деца и така почнавме со маалски фудбал, сѐдо моментот кога поранешниот координатор на Пелистер, Златко Цветановски, ме вметна и внесе во неговата школа. Од мали нозе имав љубов кон топката и започнав во фудбалската школа Талент, каде имав доста добри индивидуални тренинзи, со напорна работа и дома и на тренинг. Гледав многу фудбал на телевизија, Барселона ми е омилен клуб.“, започна Ангелевски.
Кога почнал со фудбалот, младиот играч се соочил со неправди, но останал силен и продолжил да тренира напорно. Упорноста му го донесе она што е денес, репрезентативец на Македонија и првотимец на Пелистер.
„Јас сум доста самокритичен, голем работник и голем послушник. Кога почнав со фудбалот, доживеав многу неправди кон мене. Но, уште од мал бев упорен и посветен на фудбалот, сите неправди само ме направија силен карактер. Како млад играч имав шанса да играм и со возрасни, таа транзиција е многу потешка одошто изгледа отстрана. Го пребродив тој период благодарение на искуството со репрезентацијата.“, додава младиот играч.
Според Ангелевски, неговото искуство со постарите генерации многу му помогнало, а кажа дека за еден играч да успее, голема важност има и комуникацијата со тренерите.
„Пред сѐ, за моите успеси сакам да се заблагодарам на тренерите Михајло Корлески и Симе Бендевски затоа што застанаа зад мене, го препознаа мојот талент и ми дадоа доверба да бидам предводник дури и на постари генерации. Имав слобода да покажам што знам на терен, а за еден играч многу е важна соработката со тренерот. Што повеќе има комуникација и разбирање, толку повеќе играчот може да напредува.“, открива Давид.
Младиот плејмејкер беше дел од У18 репрезентацијата на Македонија на квалификацискиот турнир во Шкотска. Како е да се носи дресот на Македонија?
„Сонот на секој фудбалер е да игра за својата репрезентација, тоа е неописливо чувство и искуство кое не може да се замени со ништо. Кога се игра за репрезентација, се игра од срце, затоа што играш за татковината, за државата во која си роден. Првите собири ми беа доста тешки затоа што имавме построг селектор. Беше тешко да се прилагодиме затоа што претставуваш држава. Но, сега со искуството е друго. Плус и капитен сум. Сакам да сум лидер, да ја носам екипата и добро ми оди во тоа. Во Шкотска беше добро, задоволен сум. Игравме со силни селекциии. Одигравме со Шкотска 2:2, иако бевме подобри сегменти во играта. Лихтенштајн го победивме, а со Романија загубивме несреќно. Но, кога ќе сумираме се имавме добро издание. Добро ни оди со новиот селектор Димитар Капинковски, атмосферата е одлична и на мечевите и на тренинзите, сите се задоволни“, открива тој.
Давид Ангелевски е дел и од првиот тим на Пелистер, за кој ќе игра во новата сезона. Какви се очекувањата?
„Подготовките се напорни, имаме по два тренинзи секој ден. Ни оди добро, работиме квалитетно. Минатата сезона беше турбулентна, имавме промена на тренер, на играчи, имавме доста странци. Сега сме помлада екипа, работиме напорно да се воиграме, за да имаме подобра сезона од минатата. Има деца кои се желни да дадат сѐ од себе за дресот на Пелистер и се надевам дека ќе имаме успех“, заврши младиот битолчанец.