Андрески посакува деби-победа во ПМФЛ против „ранетата“ Академија Пандев 

Со еден натпревар од 13:30 часот, денес стартува 13. коло на Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ). Во Струмица тимот на Академија Пандев ќе го пречека Работнички во натпревар кој е од големо значење за двете екипи. 

„Пандевци“ по фантастичниот период и трите победи во низа, во претходното коло запиша пораз на гостувањето кај Борец, а на мечот во Велес, освојувачот на Купот остана без своите двајца клучни играчи Дориев и Стоилов. Според последните информации двајцата потенцијални репрезентативци ги чека подолга пауза, па така Тренчовски ќе мора да крои нова тактика за нивното отсуство да не се почувствува. 

На другата страна Работнички ја игра најлошата сезона во последните години. Ниту промената на тренерската функција и назначувањето на Андрески на местото на Влахо не донесе некоја поголема промена, барем не во ПМФЛ, но „романтичарите“ на овој дуел патуваат со позитивни вибрации по триумфот над Пелистер во Купот на Македонија од 4-0. 

Натпреварот кој се игра на „Младост“ ќе го суди искусниот арбитар Јосип Бартон.

Останатите четири натпревари од 13. коло на ПМФЛ се играат утре од 13:00 часот.