Андонова за Gol.mk: Сонувам да сум првата Македонка со трофеј во ЛШ!

Gol.mk ексклузивно интервју

Македонија има шанса да добие уште еден спортист меѓу европските шампиони, затоа што екипата на Барселона, во чии редови настапува нашата најдобра фудбалерка Наташа Андонова, ќе се бори да дојде до трофеј во фудбалската Лига на шампиони.

Разговара: Мартин Танасковски

Каталонскиот гигант оваа сезона игра феноменално во елитата, а за ривал во мечот за титула ќе има реномирано име во женскиот фудбал, а тоа е француски Лион. И покрај тоа, очекувањата на Барселона се високи, потврдува девојката која ја нарекуваат „македонскиот Меси“, во интервју за Gol.mk.

„Лион е одлична екипа, се работи за тим кој е заедно подолго време и навистина се солидни оваа сезона во ЛШ, но ние без лажна скромност, ќе одиме во Будимпешта за да победиме. Нашите шанси се големи за победа и за добар резултат кој ќе ни ја донесе европската круна. Нашите цели се високи, затоа што оваа година како екипа сме многу подобри за разлика од претходно и имаме добри индивидуалци, така што не се предаваме пред време. Сите сонуваме заедно за тој успех, го сакаме пехарот. Целата кариера работам за таа цел, да се искачам на европскиот врв“, вели Андонова.

Неготинката со убиствена левица потврдува дека амбициите за оваа сезона се остварени, посебно во Лигата на шампионите, каде Барселона дојде до финалето, иако од тимот не се очекуваше такво нешто на стартот.

„Задоволна сум како одигравме досега на сите натпревари. Кога почна сезоната не мислевме дека ќе дојдеме до финале на ЛШ, но, како што минуваа натпреварите, посебно по победата на последниот меч со Баерн Минхен, мислам дека многу самодоверба се стекна кај нас. Целиот тим размислува победнички, атмосферата е повеќе од позитивна. Знам дека можеме да успееме во нашите цели“, додава Македонката.

Андонова има договор со Барселона до крајот на актуелната сезона. Засега, не знае каква ќе биде нејзината иднина. Можно е да остане во Шпанија, но не е исклучена можноста својата богата кариера да ја продолжи на друго место.

„Во Шпанија се чувствувам одлично, навистина ми е супер. Се работи за многу убава земја, ми се допаѓа климата и животот, така што ако се прашувам јас, не би ја менувала. Договорот со Барселона ми завршува во јуни, но ќе видиме што ќе биде. Има многу опции и до крајот ќе биде неизвесно. Може да останам тука, но може и не. Засега размислувам само на финалето на ЛШ, а другото, ќе видиме по крајот на сезоната“, открива фудбалерката.

Досега Македонија може да се пофали со европски прваци во фудбалот само во машка конкуренција. Андонова размислува позитивно, пред се поради нејзиното огромно искуство, затоа што има кариера во великани како Турбине Потсдам, ПСЖ, Розенгард..., а има само 25 години.

„Мислам дека ќе бидам првата, а можеби и единствената фудбалерка од Македонија што ќе ја освои Лигата на шампионите. Имам богата кариера, точно е тоа, спремна сум за предизвикот и знам да се носам со притисокот. Затоа што знам како е да се работи на високо ниво и да мораш да направиш нешто, затоа што сум била во најдобрите клубови во Европа и сум минала низ скоро секоја држава каде се игра елитен фудбал, кога се работи за женската страна. Од секоја држава и клуб имам научено по нешто, секоја нова средина ми е ново искуство. Така да, од секаде имам по нешто научено и мислам дека нема да подлегнам под притисок во финалето на ЛШ ако играм од почеток“, смета Андонова.

На клупски план е успешна, но долго време не е веќе активна во репрезентацијата поради одредени несогласувања. Андонова најави дека при првата посета на Македонија по крајот на сезоната, веднаш ќе седне на маса со новиот претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини и дека ќе разговара за нејзините визии за фудбалот и нејзиниот можен кам-бек во националниот тим.

„Не бев претходно дел од репрезентацијата, сите ги знаат причините. Но, сега ме контактираа пак, кога ќе си дојдам во Македонија пред крајот на мај веднаш ќе имаме разговори со новиот претседател и со сите останати до ФФМ што се инволвирани во женскиот фудбал, па заедно ќе се обидеме да видиме до каде се работите и каква е климата“, заврши таа.

Големото финале во Лигата на шампионите во кое Андонова ќе оди на европска круна е закажано в сабота, на стадионот на Ференцварош во Будимпешта. Лион осми пат по ред ќе игра во мечот за трофеј, додека Барселона таму е дебитант. 

Досега Барселона и Лион се имаат сретнато двапати, во четврт-финалето од Лигата на шампионите, во сезоната 2017/18. Двата меча завршија со победа на францускиот тим - првиот во Франција со триумф од 2-1, додека во Шпанија, Лион победи со минимални 1-0.