• Зоран Мишевски
Македонската женска фудбалска репрезентација никогаш не била исправена пред ваква шанса во едно натпреварување на УЕФА. Летонија утре гостува во Скопје, во рамките од квалификациите за Европското првенство следната година во Швајцарија, а нашиот национален тим верува во успех.
Капитенот Наташа Андонова ја потврди обединетоста на националниот тим.
„Нормално дека постои притисок пред утрешниот натпревар, но тој е позитивен. Имаме одлична атмосфера во репрезентација и по подолго време повторно сме сите заедно обединети, функционираме како еден тим и размислуваме победнички. Имавме одлични услови во претходниот период и се подготвивме на најдобар можен начин за овој меч. Имавме одличен тренинг камп во Банско и подготвени го дочекуваме утрешниот меч", изјави капитенот и нашиот најдобар играч, Наташа Андонова.
Женската фудбалска репрезентација на Македонија, денеска во 19:15 часот, на тренинг центарот „Петар Милошевски" ќе го одржи официјалниот тренинг пред утрешниот меч со Летонија. Дуелот почнува утре од 19:00 часот, а се најавува голема поддршка за нашите фудбалерки.



