Андонова: Најмногу сум горда сум кога победувам во македонскиот дрес

Женската фудбалска репрезентација на Македонија ја оствари втората победа во квалификациите за Светското првенство (СП). Пред нашиот национален тим падна Летонија (3-2), а играч на натпреварот беше Наташа Андонова.

Нашата најдобра фудбалерка и капитен во репрезентацијата даде два гола и имаше една асистенција. Истакна дека е среќна поради тоа, но најважно е што Македонија успеала во првата цел, тоа е да освои шест бода со директниот конкурент во групата за избегнување на последната позиција и да се направи напредок во резултатите.

„Нашата цел ја остваривме, целта ни беше да не бидеме последни во групата, а потоа и да освоиме од девет до дванаесет бода. Успеавме двапати да ја победиме Летонија. Атмосферата е супер, некои девојки се вратија во националниот тим, како на пример Ленче Андреевска и тоа доста помогна. Максимално се изборивме за победа дома и сум среќна што успеав да помогнам со два гола и асистенција. Го дадов макимумот и чест ми е да го носам македонскиот дрес, тоа за мене е нешто свето и засекогаш ќе биде така. Следен натпревар ни е против Австрија, еден од фаворитите во групата. Ќе се потрудиме да парираме и да се покажеме во што е можно подобро светло“, изјави Андонова.

Нашиот национален тим предводен од селекторот Кирил Изов следниот натпревар го игра во вторник против Австријките. Првиот меѓусебен натпревар во Скопје заврши со резултат 0-6.