Aндонова: Нема веќе недоразбирања, сега да ги средиме и резултатите

Најдобрата македонска фудбалерка Наташа Андонова и Гејтана Рочи се приклучија на репрезентатацијата на собирот во Охрид. Андонова и Рочи одработија неколку тренинзи со останатите репрезентативки и максимално подготвени ќе бидат за утрешниот контролен меч со Албанија на гостински терен и реваншот в недела во Охрид.

„Секогаш е убаво да се вратиш во селекцијата. Две години женската репрезентација беше ставена во мирување, а јас не бев дел од неа. Низ разговори со претседателот на ФФМ и генералниот секретар ги надминавме недоразбирањата и мило ми е што повторно сум помеѓу девојките“, ни изјави повратникот во репрезентацијата Андонова.

Таа најави дека сите репрезентативки се решени да стават точка на серијата без победа која трае подолго време.

„Атмосферата е добра и тоа искрено многу ме радува. На утрешниот меч со Албанија одиме на победа со која ќе ставиме точка на серијата лоши резултати“, дополни Андонова.

Двата натпревари помеѓу селекциите на Македонија и Албанија ќе се одиграат со почеток во 17:00 часот.