• Мартин Танасковски
Започна репрезентативната пауза, но европскиот клупски фудбал повторно е во центарот на вниманието, откако денес официјално започнува новата сезона во женската фудбалска Лига на шампиони на УЕФА. Во сезоната 2026/27 најдобрите европски екипи ќе ја продолжат битката за најпрестижниот трофеј во женскиот клупски фудбал, во натпреварување кое од минатата сезона се игра според новиот формат со единствена лига од 18 екипи.
Бранителот на титулата Барселона повторно ќе биде меѓу главните фаворити, а покрај каталонскиот гигант во елитното друштво се наоѓаат и европските велесили како Челзи, Арсенал, Баерн Минхен, Реал Мадрид, ПСЖ, Лион, Манчестер Сити, Јувентус и Рома.
Вечерва ќе бидат одиграни првите натпревари од воведното коло, а програмата носи неколку исклучително атрактивни пресметки. Баерн Минхен ќе го пречека Манчестер Сити, Реал Мадрид ќе се соочи со ПСЖ, Арсенал ќе игра против Коге, додека Јувентус ќе биде домаќин на Бенфика. Македонија ќе има еден репрезент во елитата, тоа е Наташа Андонова, која настапува за швајцарски Сервет и на премиерата ќе игра против најтрофејниот европски клуб Лион. „Лавиците“ од Франција се осумкратни шампионки.
Според новиот систем, секоја екипа ќе одигра по шест натпревари против различни противници, а четирите најдобро пласирани директно ќе обезбедат место во четвртфиналето. Тимовите од петтото до дванаесеттото место ќе разигруваат за преостанатите четири места во нокаут-фазата. Лигашката фаза ќе трае до средината на декември, а големото финале е закажано за мај 2027 година на Националниот стадион во Варшава.






