Андонова и Рочи до првиот човек на ФФМ: Се нема слух за женскиот фудбал!

Најдобрата македонска фудбалерка Наташа Андонова и една од поисксуните фудбалерки во националниот тим, Гентијана Рочи, испратија порака до првиот човек на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Мухамед Сејдини, дека потребни се реформи и промени во женскиот фудбал.

Андонова, која настапува за шпански Леванте и е капитенка на националниот тим, како и Рочи, која долги години е интернационалка и во моментов е дел од фински Купс, велат дека претседателот на федерацијата мора да преземе чекори и да се направат промени во женскиот фудбал кои ќе го подобрат квалитетот и нивото на фудбалските репрезентации.

„Се обидовме многу пати да разговараме со претседателот за да се подобрат работите во репрезентацијата и целите услови, но сме игнорирани од негова страна. Нема слух за нас, а со тоа самото се кажува дека нема интерес за подобар женски македонски фудбал. Не знаеме како да одиме напред, кога нема интерес за работа.

Како да одиме напред во фудбалот, кога главните луѓе кои го водат немаат слух за нас? Ние сме најдеградирани, имаме најминимални услови, само колку да постои женската репрезентација, додека сите други балкански земји чекорат напред. Мислиме дека е крајно време да дојде до драстични промени во женскиот фудбал, за да можеме да одиме напред“, велат Андонова и Рочи.

Македонската фудбалска репрезентација е пред стартот на нов квалификациски циклус. Селекцијата предводена од Кирил Изов чека на битката за СП 2023 која стартува овој месец. Македонија е во група со Англија, Австрија, Северна Ирска, Летонија и Луксембург, а првите мечеви се на 17 и 21 септември, против Англија (гости) и Австрија (дома).

Наташа Андонова обезбеди место со Леванте во главната фаза од Лигата на шампионите, но доживеа незгодна повреда на мускулот против Розенборг која ќе ја оддалечи од терените три седмици.