Андонова: Англија е апсолутен фаворит, шанса за бодови е Австрија

Женската репрезентација на Македонија ја чекаат два тешки дуели во рамките на квалификациите за Светското првенство 2023 година. Избраничките на Изов ќе гостуваат кај гигантот Англија, на 17 септември во Саутемптон, а четири дена подоцна ќе ја дочекаат Австрија во Скопје. 

Во пресрет на патувањето кој „островот“, своите очекувања ги изнесе најдобрата наша фудбалерка, Наташа Андонова.

„Не очекуваат два натпревари против силни репрезенетации. Селекцијата на Англија е апсолутен фаворит во групата, ќе биде многу тешко да се игра против нив. Австрија не е на границите со квалитетот како Англија и сметам дека шансата за освојување на бодови треба да ја бараме на тој меч. 

Секогаш се обидувам да гледам реално на работите, така и сега. Мислам дека не треба да очекуваме некакво чудо во овие квалификации, треба само да продолжиме напорно да работиме и да ги слушаме советите од нашиот селектор. Објективен проблем претставува фактот што во овој состав на Македонија има фудбалерки претежно од домашното првенство кои немаат големо маѓународно искуство за разлика од другите селекции. 

Работевме напорно овие неколку дена, имаме одлична комуникација со селекторот, позитивни сме, владее одлична атмосфера и ќе се обидеме сето тоа да го искористиме за што подобро да одиграме на овие два натпревари“, изјави Андонова.

Фудбалерката на Леванте се врати од повреда и ќе ја предводи селекцијата како капитен и најискусна во тимот. Иако има 27 години, Андонова има огромно меѓународно искуство, а се враќа во тимот на Македонија по речиси една година. Последен пат Андонова играше за репрезентацијата во ноември лани, на гостувањето во Казахстан (0-3) кога подели две асистенции за Рочи.