ВИДЕО: Андерсон со два гола донесе пресврт-победа за Вест Хем на „Сент Мери“

Во последниот натпревар од 19. коло во Премиер лигата, фудбалерите на Вест Хем со пресврт во вториот дел, на „Сент Мери“ го совладаа тимот на Саутемптон со 1-2 (0-0).

По 0-0 на полувремето, на стартот на вториот дел тимот на Саутемптон прв поведе, откако Натан Редмонд се најде на една одбиена топка и во 50. минута го совлада гостинскиот голман. Но радоста на домаќините кратко траеше. Најпрво, три минути подоцна Фелипе Андерсон израмни на 1-1, за во 59. минута истиот фудбалер да излезе еден на еден со домашниот голман и рутински го матира за 1-2.

Лукас Перез имаше шанса за потврда на победата, а на спротивната страна Саутемптон можеше преку Лемина да израмни, но и во двата наврати мрежите мируваа, па со големи три бода во Лондон се враќаат фудбалерите на Мануел Пелегрини.

Во следното коло, кое на програмата е претстојниот викенд, Саутемптон ќе го пречека „ранетиот“ Манчестер Сити, додека Вест Хем ќе игра на гости против Барнли.